Советите околу начинот на исхрана секогаш треба да ги проценувате самите, бидејќи секој организам е различен. Особено внимавајте со длабоко втемелените заблуди на кои наседнувале нашите баби, а ние им веруваме, иако науката докажала дека не се издржани.

Млекото со помалку маснотии е сто пати подобро од полномасното млеко?

И додека, на пример, млекото со 2% маснотии оддава впечаток дека во него има многу помалку маснотии во споредба со полномасното, треба да имате предвид дека и полномасното содржи околу 3% маснотии, што и не е некоја голема разлика

Јајцата со темна лушпа се поздрави?

Кога се во прашање јајцата, бојата на нивната лушпа нема никаква врска со хранливата вредност на јајцето. Се покажало дека хранливата вредност на оние со темна лушпа е слична со „светлите“ јајца, само што темните често знаат да бидат поскапи. Ако сакате нутритивно повредни јајца, побарајте ги на село, од кокошики кои се често на отворена ливада.

Свежото овошје и свежиот зеленчук се секогаш подобри од замрзнатите?

Ова е точно само ако јадете штотуку набрано овошје или зеленчук. Но, ако купувате вон сезона, значи дека она што го јадете не растело во близина, туку дека поминало долг транспорт или складирање при кои се губи добар дел од хранливата вредност. Во тој случај, замрзнатите верзии може да се и поквалитетни, бидејќи обично овошјето и зеленчукот се замрзнуваат веднаш по берењето. Во секој случај, треба да ги избегнувате конзервираните опции кои содржат премногу шеќери, соли и конзерванси.

Салатите се секогаш полесен оброк?

Не ако ги купувате во ресторани за брза храна, кои често со салатите нудат сериозно калорични сосови. На пример, стандарден хамбургер содржи 250 калории и 9 грама маснотии, додека Цезар салатата со пилешко има 380 калории и 23 грама маснотии. Некои други салати богати со печени парчиња месо знаат да имаат и повеќе од 500 калории и 35 грама маснотии. При изборот на сос, секогаш е подобро да ги избегнувате кремастите сосови. Сирењето, сланината и парчињата тост значително ја зголемуваат калориската вредност на салатата.

Производите со помалку масти или без шеќер секогаш се попаметен избор?

Наместо да јадете храна со помал процент на масти, подобро изедете помала количина на „оригиналната“ верзија - ќе бидете сити подолго време и ќе имате помали шанси за прејадување. Оние кои јадат намирници со помалку шеќер или масти, почесто јадат поголеми количини заборавајќи дека ниту таа храна нема баш мала калориска вредност.

Маргаринот е „полесен“ од путерот?

Маргарините содржат транс-масти (хидрогенизирани и делимично хидрогенизирани масла). Тие не само што го зголемуваат лошиот холестерол, туку и го снижуваат добриот. Половина лажичка маргарин содржи 45 калории и не содржи транс-масти. Слична количина на калории и масти содржи и маргаринот, но станува збор за високопреработена растителна маст која изгубила поголем дел од добрите состојки и станала штетна за организмот.

(Извор: Кајгана.ком)