Витаминот К спаѓа во групата витамини растворливи во масти. К потекнува од германскиот збор за коагулација кој се однесува на процес на згрутчување на крвта, бидејќи витаминот К е особено важен за функцијата на одредени протеини кои учествуваат во згрутчувањето на крвта. Единствената биолошка улога на витаминот К е како кофактор за ензимите кои ја катализираат карбоксилацијата на аминокиселините, особено на глутарната киселина, резултирајќи во конверзија во гама-карбоксиглутарна киселина. Овој процес е од особена важност за врзувањето на калциумот за одредени протеини.

Постојат 5 витамини К:

К1 - Фитоменадион (fitomenadion), менахинон (menahinon), филогинон (phylloquinon), фитонадион (fitonadion) и мефитон (mefiton)

К2 - Фармагихинон (farmohinon)

К3 - Менадион (menadion)

К4 - Менадиолис ацетас (menadiolis acetas)

К5 - Метилоксиаминонафталин (metiloksiaminonaftalin).

Каде има витамин К?

Витамин К се наоѓа најмногу во листовите на дивиот костен, спанаќот, копривата, зелката, карфиолот, тиквата, доматите, јагодите, морковите, а во помали количества и во останатите растенија.

Животинските продукти содржат многу малку количества на витамин К. Кај човекот витамин К се создава во цревата од цревните бактерии.

Витамин К2 се среќава во жолчката на јајцата од кокошка, маслото, телешкиот црн дроб, различни сирења и во производи произведени од ферментирани зрна од соја .

Непријатели на витамин К се аспиринот и радијацијата, како и термичната обработка на храните.

Во природните форми витамин К не е токсичен, но прекумерното негово земање во синтетична форма (Менадион) не се препорачува.

Препорачлив внес на витамин К

Препорачлива доза на витамин К за 25 годишен маж се смета 120 микрограма на ден, а за возрасна жена се смета 90 микрограма на ден. За деца до 7 годишна возраст – 10 до 20 микрограма на ден.
За деца над 7 години и адолесценти – 15 до 100 микрограма на ден.

Витамин К и коагулација

Витаминот К е потребен во црниот дроб за синтеза на факторот за коагулација. Витаминот К е неопходен за создавање протромбин - кој помага, односно е дел од каскадата на згрутчување на крвта. 

Витаминот К е анатгонист со антикоагулантните лекови, особено варфаринот, така да пациенти кои се на антикоагулантна терапија не треба земаат храна која е богата со витамин К. Постарите луѓе доколку подолго време земаат антибиотици, имаат зголемени потреби за витамин К. Исто така, фактори кои ја зголемуваат потребата на витамин К се и земањето одредени лекови, болести кои ја реметат апсорпцијата и достапноста на овој витамин. Витаминот К помага во спречувањето на внатрешните крварења. Корисен е и за намалување на големиот менструален облив.

Витамин К за поцврсти коски

Витамин К е одличен за коските, затоа што им помага на протеините, кои ги формираат коските, правилно да функционираат. Луѓето кои земаат 250µg витамин К дневно, се изложени на помал ризик од скршеници на коските, од луѓето кои консумираат 55µg. Најдобро е да примате од 90 до 120µg витамин К дневно.

Витамин К е неопходен за новороденчиња

Новороденчињата не се во можност сами да го произведуваат овој витамин во цревата, а поради тоа што мајчиното млеко е многу сиромашно со витамин К, дефицитот е чест. Поради тоа се препорачува бебињата да добиваат дополнителен витамин К. Недостаток на витаминот К се јавува доколку е намалена апсорбцијата на масти во дигестивниот тракт. Доколку постои недостаток на витаминот К во плацентата на мајката, односно кај трудниците (особено ако трудницата прима антикоагуланси), постои можност да се јават скелетни деформитети кај новороденчето. Во лековите кои ја намалуваат апсорпцијата и достапноста на овој витамин, освен антибиотиците, се вбројуваат и сулфа-лековите и антиконвулзивите, како фенобарбитол. Антиконвулзивите доколку се користат во бременоста можат да предизвикаат недостиг на овој витамин кај штотутку родените деца и да го продолжат крварењето. Варфаринот, лек кој се препишува против создавање на згрутчувања кога постои опасност од тромбоза, не би смеел да се дава за време на бременоста, затоа што може да предизвика нарушувања во развојот на плодот. Ако се користи во првите три месеци од бременоста, вафаринот може да доведе до дефектен развој на коските и на рскавичното ткиво кај децата. Лекарите советуваат дека најмала дневна доза која го спречува дефицитот е еден микрограм витамин К на еден килограм од телесната тежина. Истата количина се препорачува и за децата, а за новороденчињата околу пет микрограми на ден.

Витамин К и подочниците

Овој витамин е ефикасен во борбата против модерните подочници, па затоа козметичарите препорачуваат да се става на кожата пред спиење. Исто така, витаминот К е добар во борбата против губењето на бојата на местата под очите. Витаминот К навлегува низ порите и стигнува се до оштетените капилари и артерии со што помага во згрутчувањето на крвта. На тој начин го спречува создавањето на темни подочници, а му овозможува на ткивото бргу да заздрави.

Витамин К и Алцхајмеровата болест

Истражувањата на антиоксидативните својства на витамин К покажуваат дека концентрацијата на витамин К е помала во циркулацијата на носителите на APOE4 генот, а последните истражувања го покажуваат својството на инхибирање на умирањето на нервните клетки поради оксидативен стрес. Можно е витамин К да го намали оштетувањето на нервните клетки и неговото дополнително внесување може да има корист во лекувањето на Алцхајмеровата болест, но потребни се уште истражувања во ова поле.

(Извор: Доктори.мк)