|
По одредени преговори , Тимот на БидиЗдрав и Мр. Лидија Зорба психолог кој ни доаѓа од центар за применета психологија „Зорба Консалтинг„ - Скопје, воспоставија договор така да Мр. Лидија Зорба од сега е во нашиот тим и можете да очекувате редовни статии припремани од неа, воедно можете и да поставувате прашања, упатени кон неа , но кои ќе ви биде соодветно одговорено. Еве ви ја првата статија од Мр. Лидија Зорба.
СТРЕС
Што е стрес и што го предизвикува?
Нормалната состојба во која организмот функционира оптимално се нарекува хомеостаза. Меѓутоа, во животот на луѓето се случуваат непријатни настани кои можат да бидат доволно силни за да ја нарушат хомеостазата и да го доведат организмот во состојба на стрес /лат. стрингере - стегам, затегам/.
Честопати не е потребно да се случи непријатност - доволно е таа да биде навестена, па човекот да се чувствува напнат, загрижен, вознемирен, несигурен и сл. Всушност, тоа се зборовите што луѓето најчесто ги употребуваат за да опишат што им се случува кога велат дека се "под стрес".
Штом ќе биде нарушена хомеостазата, организмот реагира во насока на адаптација на промената и повторно воспоставување на нормална состојба. Затоа, некои научници стресот го дефинираат како реакција на организмот на надворешени влијанија или како општ адаптациски синдром (Селѕе, 1982).
Научната дисциплина во која централно место зазема проучувањето на стресот се вика психологија на здравјето. Оваа, релативно млада дисциплина на психологијата главно засега во прашањата на поврзаноста на менталното и физичкото, т.е. како психолошките фактори влијаат врз физичкото здравје на луѓето.
Причинителите за стресот или факторите кои придонесуваат организмот да дојде во состојба на стрес, се нарекуваат стресори. Стресорите најчесто имаат психолошка природа. Тоа се непријатни (но и пријатни) настани кои се случуваат ненадејно и ја ставаат личноста во голема неизвесност, во многу неповолна ситуација и таа има чувство дека не може да ги контролира и да се справи со нив. Колку што е стресорот посилен, а способноста на личноста за справување со него помала, толку е посилен и стресот. (Правејќи еден прашалник кој беше наменет за добивање "интересни" одговори за забавна емисија од областа на спортот, добив навистина "интересни" одговори. На прашањето: Од што најмногу се плашиш?, македонските фудбалски репрезентативци без двоумење одговараа: Од повреда заради која не би можел да играм.
Физичките повреди кои не се редок случај во спортот се стрес за организмот. За професионалните спортисти, тие се закана број еден. Самата помисла дека би можел да биде повреден на начин кој долгорочно или трајно би го оневозможил да го прави она "што живот му значи", е силен индуктор на стрес кај секој амбициозен спортист. )
Постојат повеќе скали на стресни настани со кои се мери нивото на стрес, во одреден период од животот на луѓето (разликите во рангирањето на стресните настани е слично кај повеќето скали) како на пример скалата на Пајкел (Паѕкел) и соработниците, 1971.
1. Смрт на дете
2. Смрт на брачен другар
3. Осуда на затворска казна
4. Смрт на член на потесното семејство
5. Неверство на брачниот другар
6. Големи финансиски тешкотии
7. Деловен неуспех
8. Отпуштање од работа
9. Спонтан абортус или мртвродено дете
10. Развод
11. Разделување на сопружниците заради караница
12. Излегување пред суд заради сериозно прекршување на законот
13. Несакана бременост
14. Болничко лекување на близок член на семејството (заради сериозна болест)
15. Невработен еден месец
16. Смрт на близок пријател
17. Преместување на пониско работно место
18. Тешка органска болест (лежење во болница или еден месец отсуствување од работа)
19. Почеток на вонбрачна врска
20. Губење на личен вреден предмет
21. Под истрага
22. Неуспех во школувањето
23. Детето заснова брак против волјата на родителите
24. Раскинување на веридба
25. Чести брачни расправии
26. Чести расправии со родителите
27. Чести расправии со вереникот (или постојаниот партнер)
28. Земање голем заем
29. Заминување на синот во војска
30. Препирање со шефот или колегите на работа
31. Караница со член на поширокото семејство (роднини)
32. Селење во друга земја
33. Менопауза
34. Помали финансиски тешкотии (вознемирувачки, но не сериозни: зголемени трошоци, неволји со службеникот за наплата)
35. Разделување од значајна личност (близок пријател или роднина)
36. Важен испит
37. Одвојување од брачниот другар (караниците не се причина)
38. Промена на работното време (многу прекувремена работа, уште една работа, помалку работа од вообичаено...)
39. Нова личност во домаќинството
40. Пензионирање
41. Промена на условите за работа
42. Промена на видот на работата
43. Престанок на љубовна врска (после траење од најмалку три месеци)
44. Селење во друг град
45. Промена на училиштето
46. Престанување на редовното школување
47. Детето го напушта домот (на пр. заради студирање на друго место)
48. Брачно помирување (откако еден од брачните другари го напуштил домот
49. Поблаго прекршување на законот
50. Раѓање дете (за мајката)
51. Жената забременува
52. Стапување во брак
53. Унапредување
54. Полесна органска болест (потребен е лекарски преглед)
55. Селење на друга адреса во истото место
56. Раѓање или посвојување дете (за таткото)
57. Почеток на школување
58. Веридба на детето
59. Веридба (сопствена)
60. Сакана бременост
61. Венчавање на детето со согласност на родителите
(Извор: Инструменти клиниčке процене у психијатрији, Тимотијеви, Паунови, 1992, стр.41)
Напорната физичка активност, особено ако организмот не е подготвен за неа, може да се јави како стресор. Спортскиот тренинг е физички стрес за организмот. Затоа, соодветното "загревање" кое се состои од полесни вежби е неопходно како за почетниците и напредните спортисти, така и за врвните спортисти. Неговата цел е да го подготви организмот за голем физички напор со цел да се превенираат повреди.
Кај спортистите кои се натпреваруваат, особено кај врвните спортисти, неопходна е психофизичка подготовка затоа што напорите за постигнување врвни спортски резултати се психофизички стрес.
Кај спортистите кои не се психофизички подготвениза ваков стрес, освен претренираност и физички повреди може да се јават и нарушувања од психолошка природа како: губење на мотивацијата, анксиозност, проблеми со спиењето, агресивно однесување, еуфорија и други. Многу млади луѓе кои имаат желба и потенцијал да станат успешни спортисти, се откажуваат од оваа желба затоа што немаат доволно информации или ги игнорираат инструкциите на нивните тренери за тоа колку е важно загревањето во тренажниот процес и колку непријатни можат да бидат последиците од физичкиот стрес. Недоволно обучените тренери, во намера "да извлечат максимум" честопати и самите ги изложуваат спортистите на несистематски и многу силен стрес кој е контрапродуктивен за општата психофизичка состојба на спортистите.
Следува: Дистрес
|