|
Ако верувате дека вашето тело е совршено такво какво што е токму во моментот, значи дека се наоѓате меѓу малкумината среќници, кои навреме го постигнале прифаќањето. Вие можеби ја немате потребата од оваа лекција и можете да продолжите понатаму. Ако пак, само едно мало делче од вас смета дека и најмалата физичка трансформација би ви го направила животот подобар и ако сте постројни, повисоки, поатлетски градени, посилни или пак, на пример, русокоси, дека ќе бидете посреќни, токму сега е моментот да ја сфатите скапоцената вредност на вистинското прифаќање. Нашите тела се меѓу најмудрите учители во тој однос.
Пожртвувано и мудро, вашето тело ќе ве научи дека „прифаќање" значи безрезервно да одите во пресрет на она, што животот ви го нуди.Колку и да имате доживувања „надвор од телото", во краен случај тоа секогаш е со вас. Верен водач, на кој можете да сметате или тежок крст за цел живот - изборот е ваш и е поврзан со совладувањето на оваа лекција.

Многу луѓе го претвораат своето тело во објект на груби напади и дури го воздигнуваат до критериум на сопствената значајност. Во стремежот кон совршенство, за секое скршнување, веќе од навика,го обвинуваат за недостижно високиот стандард. Бидејќи во материјалниот свет физичката форма е само средство за соопштенија, често пати сами или преку околината се идентификувате со неа. Начинот, на кој го прифаќате телото, најмногу зависи од вашата склоност да ја научите лекцијата на прифаќањето.
Co самокритикувањето вие самите се откажувате од многу прекрасни доживувања. Колку прекрасни денови имате пропуштено на некоја плажа, само поради изгледот во костимот за капење? Замислете си за миг колку е убаво слободно да се прошетате по топлиот песок без чувство за непријатност. Помислете само колку многу нешта остануваат забранети за вас, додека не почнете да изгледате подобро или дури перфектно. Една моја пријателка мечтае да научи да нурка под вода, но не смее да се обиде дури и при самата помисла како ќе изгледа во заштитниот костим кој е тесно припиен за телото. Целосното самоприфаќање ќе и дозволи, а исто така и вам, целосно да му се насладувате на животот. Без ограничувања! Веднаш!
Документирани се и многу други потврдувања за поврзаноста меѓу умот и телото. Тоа го докажува исклучителното значење на прифаќањето на телото не само за емотивната стабилност, туку и за физичкото здравје. Неприфаќањето може да доведе до болна состојба и обратно - преку прифаќањето на телото може да се постигне оздравување. Дури и современата медицина ја признава таа зависност и високо го цени самоприфаќањето, поради способноста да се одржува здравјето на духот и телото.
Штом ќе започнете да го прифаќате телото токму такво какво што е во моментот, значи дека сте на вистинскиот пат. Вистинското прифаќање се разбира, доаѓа кога вие сте во состојба да го поздравите своето тело и да не искажувате потреба да го менувате, за да заслужите нечија љубов, а во повеќето случаеви - својата сопствена љубов.
Дали тоа значи дека не треба да го усовршувате телото? Или дека треба да се помирите со тоа што ви е дадено? He, се разбира. Сосема природно и човечки е да се стремите да ја постигнете најдобрата физичка состојба. Тоа значи дека треба да престанете да го критикувате и обвинувате своето тело, ако немате совршено здравје или ако се чувствувате немоќни. Стремежот кон самоусовршување е сосема здрав само кога љубовта е движечката сила, а не чувството на пониска вредност. Кога ќе почувствувате потреба да го смените изгледот или да спортувате, запрашајте се: „Дали навистина промената (нова фризура, гардероба, крема против брчки или нешто друго) ќе ме направи посреќен"? Бидете сосема отворени и ако одговорот е „да", подобро одвојте малку време да се научите на самоприфаќање, наместо да расфрлувате и време и пари на надворешниот изглед.
„Сакајте го секој дел од своето тело. Ако не можете - сменете го. Ако не можете да го смените, тогаш прифатете го такво, какво што е". Co текот на времето ќе се појават нешта, кои нема да сте во состојба да ги смените. На крајот на животниот пат ќе биде уште потешко да го прифатите своето тело, западнато во старечка немоќ, приклештено од тешка болест или омалаксаност од друг вид физичко страдање. Колку и да ви изгледа напорно, ќе треба да го сторите тоа. Олимписките игри за инвалидите се пример како човек може да си го прифати телото наспроти очигледните недостатоци.
Од каде треба да започнеме? Пред се, од сфаќањето дека нештата едноставно се такви, какви што се и само вие самите можете да се ослободите од затворот на сопственото обвинувачко однесување. Се разбира, можете и да продолжите да се сожалувате и да паѓате во депресија, спротивставувајќи и се на реалноста на вашето тело, наместо со еден лесен и резултатен напор на свеста да постигнете прифаќање. И во двата случаја реалноста нема да се измени. Прифаќањето или отфрлувањето на телото влијае само врз вашата свест, начинот на кој се прифаќате не се одразува на надворешниот изглед. Зошто тогаш да не живеете со леснотијата на прифаќањето, наместо со болката на отфрлањето? Изборот целосно е ваш.
Кој дел од телото најмногу ви се допаѓа?
|